Ракометарите на Македонија со настапот на Европското првенство и освоеното 14-то место направија значаен исчекор за идните натпреварувања. Победата и ремито против Романија и Португалија донесоа важни поени кои директно влијаеја врз позицијата на нашата селекција во следните квалификациски циклуси.
Благодарение на овој пласман, Македонија ќе биде меѓу носителите на ждрепката за претстојното Светско првенство, што значи и полесен пат во извлекувањето. Нашиот тим успеа да ги избегне европските гиганти како Франција, Норвешка, Шпанија и Словенија.
Во рамки на завршните активности на Европското првенство, Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги извлече и двојките за бараж натпреварите. Македонија, како носител, за противник ќе го добие победникот од дуелот меѓу Украина и Словачка, уште една поволност која произлезе од одличниот настап на шампионатот.
Бараж натпреварите треба да се играат во средината на мај, а Македонија реваншот ќе го игра на домашен терен.

