11.8 C
Skopje
сабота, 6 декември 2025

Ракометарките по голема драма ремизираа со Словенија

Македонската женска ракометна репрезентација одигра нерешено 23-23 (11-13) против Словенија во вториот натпревар од меѓународниот турнир во Анкара, кој се одржува во рамките на ЕХФ-неделата. Избраничките на Кристијан Грчевски имаа шанса за триумф, но не го реализираа последниот напад на мечот.

Најефикасна во нашиот состав беше Јована Кипријановска со осум погодоци, додека Јанкуловска запиша четири.

Македонија одлично го започна натпреварот и поведе со 4-1 по десет минути игра. Сепак, Словенија го искористи периодот со играч повеќе и израмни на 4-4. Нашиот тим долго време ја одржуваше предноста, но падот во завршницата на полувремето донесе пресврт, па Словенките на паузата заминаа со водство од 11-13.

Иако на теренот разликата не беше голема, Словенија ја контролираше играта и во 50-тата минута поведе со 17-20. Потоа следуваа две исклучувања за противникот, што Македонија го искористи за целосен пресврт. Кипријановска погоди за водство 21-20 во 54-тата минута.

Следеше голема драма. Словенија израмни на 21-21, а Грчевски побара тајм-аут при резултат 22-22, минута и пол пред крајот. Нашите ракометарки повторно поведоа, но и противникот возврати за конечни 23-23. Македонија го имаше последниот напад, но не успеа да стигне до победа.

Нашите девојки утре го играат последниот натпревар на турнирот, а противник ќе им биде репрезентацијата на Словачка.

- Оглас -

Најнови вести