Талант Душебаев, кој речиси 12 години го предводи полскиот Кјелце, од денеска е и нов селектор на француската репрезентација!
Ова е историски момент бидејќи тој ќе стане првиот странски селектор на Франција, а неговиот прв натпревар треба да биде против Шпанија.
На клупата го наследува Гијом Жил, кој си оди по разочарувачко седмо место на неодамнешното Европско првенство, на кое ја бранеа титулата од претходното издание.
Душебаев има договор со Кјелце до јуни 2028 година, па во наредниот период ќе работи и како тренер и како селектор. Талант се смета за еден од најголемите играчи во историјата на ракометот, а играл за три различни репрезентации (СССР, Русија и Шпанија). И како тренер имаше успеси, со Кјелце ја освои Лигата на шампионите во 2016 година. Како селектор ги водел Полска и Унгарија.
Парадоксално, првиот меч на родениот Киргистанец со шпанско срце може да биде токму против Шпанија.
„Ги отфрлив сите понуди што ја исклучуваа можноста за споделување на должностите во клубот и репрезентацијата. Оваа понуда го дозволува тоа и затоа решив да ја прифатам. Не го напуштам Кјелце. Вистинска чест е за мене да ја тренирам француската репрезентација. Тоа е нешто што го сакав повеќе од сè бидејќи Франција има фантастична генерација играчи. Мојата цел со овие играчи е да освојам сè. Навистина сум горд што бев избран за овој проект“, изјави Душебаев.

