Актуелниот европски првак Реал Мадрид со предност од 2-1 ќе го почне реванш-мечот против Ајакс на петти март на „Сантијаго Бернабеу“, а на таа средба на која Реал треба да го потврди пласманот во четврт-финалето, нема да игра капитенот Серхио Рамос.
Рамос во последната минута од регуларните 90 направи груб фаул со кој го принуди судијата да му покаже жолт картон, а веројатно искусниот шпански репрезентативец и сакаше да „пожолти“. Направена е „математика“ дека е подобро да не игра на реванш-мечот во Мадрид против Ајакс отколку да ризикува суспензија подоцна во четврт-финалето кога ќе биде попотребен во составот.
Синоќа во Амстердам Рамос го одигра својот 600-ти меч во дресот на Реал. Повеќе од него имаат Раул Гонзалес (741), Икер Касилјас (725), Мануел Санчис (710), Сантилјана (645), Пако Генто и Фернандо Јеро (двајцата по 601).
Од овие 600 меча како играч на Реал, Рамос дури на 596 бил стартер, а 534 ги одиграл цели. Билансот му е 395 победи, 108 порази и 97 нерешени.