Рампа од Ајнтрахт за шампионот: Проверете си го салдото во банка ако ги сакате Јовиќ и Ребиќ

Баерн Минхен ќе се подмладува, таква е најавата на Баварците, а високо на врвот на листата на желбите е тандемот од Ајнтрахт Франкфурт, Лука Јовиќ и Анте Ребиќ.

Српско-хрватското дуо воодушеви со игрите во црвено-црниот дрес на Ајнтрахт и го привлекоа вниманието на шампионот на Германија, но и на многу други европски гиганти.

Јовиќ е прв стрелец во Бундеслигата со Пако Алкасер, игра извонредно, а на исто ниво е и неговиот соиграч Ребиќ. Јасно е дека Баерн ќе тргне во поход, но за почеток веднаш им стигна интересен одговор од таборот на популарните „орли“.

„Нека си го проверат банкарското салдо да видат дали имаат доволно пари за да ги купат Јовиќ и Ребиќ. И не е само Баерн заинтересиран за нашите фудбалски бисери, имаме понуди и од други клубови. Основна цел ни е да ги задржиме во клубот и да се обидеме да направиме позначаен резултат во европските купови и во Бундеслигата. Нема лесно да се предадеме пред налетот на побогатите клубови и никако нема да им ги подариме нашите таленти“, изјави Петер Фишер, претседателот на Ајнтрахт.

Тимот од Франкфурт одигра одлична полусезона, во фазата по групи во Лигата на Европа освои максимум бодови, 18, и се пласира во нокаут-фазата, а во Бундеслигата е на шестото место по првиот дел од шампионатот.

 

- Оглас -

Најнови вести