Женската селекција на Англија ја уништи Норвешка со убедливи 8-0 за втора победа во групите и резервирање на место во нокаут-фазата од Европското за жени. Ова е рекорд во женскиот европски фудбал, односно најголема победа во историјата на Европските првенства.
Лавиците немаа милост кон противничките и во период од 29 минути дури шестпати ја тресеа мрежата на Петерсен. Рапсодијата почна во 12-тата, а заврши во 41-та минута.
Стенвеј од пенал го отвори резултатот, три минути подоцна на 2-0 зголеми Хемп, а потоа беше прашање колку од нападите на домаќинките ќе завршат во противничкиот гол. До паузата по два гола постигнаа Вајт и Мид, па така на „Амекс“ стадионот во Брајтон се славеше на големо.
Во 66-тата минута се случи моментот за историја, кога Русо заби со глава за 7-0 и го постави рекордот. Погодокот можете да го видите на следниот ЛИНК. И по овој резултат Англичанките не застанаа, во 81-та минута Мид го забележа хет-трикот за конечни 8-0.
Претходно денес Австрија ја забележа првата победа во групите, со рутински 2-0 славеше над Северна Ирска.