Англискиот репрезентативец Маркус Рашфорд игра фантастично сезонава, посебно импресивен е по заминувањето на Кристијано Роналдо, а сега откри дека тренерот кој го внесе во првиот тим на Манчестер јунајтед го казнувал секој четврток.
Актуелен менаџер на Јунајтед е Ерик тен Хаг, но во последната деценија уште еден Холанѓанец седеше на клупата на Црвените ѓаволи, Луис ван Хал и токму тој во сезоната 2015/16 му даде шанса на Рашфорд да заигра во првиот тим.
„Ван Хал ме казнуваше секој четврток. Ми рече дека морам да го завршам школувањето и околу тоа нема расправии, но исто така не смеев да задоцнам на тренинг. А, ми беа потребни 12 минити од училиштето да дојдам до тренинг-кампот. Ме казнуваше сè додека не сфати дека терминот на тренингот и обврските во училиште се поклопуваат“, открива Рашфорд.
Напаѓачот му е благодарен на Ван Хал што му даде шанса да заигра за првиот тим, но и за односот на тренинзите и на натпреварите.
„Играчите кои ќе дојдат од вториот тим во првиот, често се чувствуваат само како бројка, но со Ван Хал никогаш не сум се почувствувал така. Кога и да работев со него, тој постојано се трудеше да ми укаже што треба да поправам во мојата игра. Неговите методи за мене беа клучни и Ван Хал е прекрасна личност“, додава Рашфорд.