Шпанскиот ракометен тренер Раул Гонзалес е еден од омилените на македонската спортска јавност. Тоа е тренерот кој беше творецот на историските успеси на Вардар, беше и селектор на македонската репрезентација, а сега на актуелното Европско првенство е предводник на селекцијата на Србија.
Србите загубија во првото коло од Шпанија, а сега водат голема битка со Германија. По првиот дел Германија води со 17:13, а Раул се обидува да ја врати Србија во резултатски егал.
Пред крајот на првото полувреме Раул побара тајм-аут на кој јасно се слушна како тој дели совети на македонски јазик. Во еден момент Раул вели „ако некој шутира“, додека ракометарите ги слушаат неговите совети.
Раул во Македонија беше од 2014 до 2019 година и за тој период научи одлично да го зборува нашиот јазик, кој очигледно не го заборавил и сега добро му доаѓа да искористи некоја реченица и во советите на српските ракометари.
Шпанецот на 1 јули 2025 година беше промовиран како селектор на Србија, а интересно е дека и пред неколку месеци кога даваше интервју за српски медиуми, Раул зборуваше на македонски јазик.

