Србија го направи првото изненадување на Европското првенство во ракомет откако со 30:27 ја победи Германија. Резултатот беше 25:25, но во завршницата Србите одиграа одлично и заслужено се радуваа на победа.
Еден од главните адути кои Србија ги има во своите редови е селекторот Раул Гонзалес. Искусниот шпански стратег одлично ја постави играта и во клучните моменти знаеше што да ги советува своите ракометари.
Интересно е дека во еден момент од првото полувреме кога Раул побара тајм-аут, тој јасно им се обрати на ракометарите на македонски јазик. Тоа не е ни чудно ако се знае дека Раул живееше и работеше во Македонија неколку години. Во 2014 година дојде како тренер на Вардар, а потоа две години беше и селектор на Македонија.
За тие пет години, Раул одлично го научи македонскиот јазик и очигледно дека уште го користи и добро му доаѓа сега кога е селектор на Србија.
„Зборувам македонски јазик, не го заборавив, ако имам со кого да зборувам цело време ќе биде уште подобро. Што се однесува до српскиот јазик, да го учам, но ми оди тешко“, беа зборовите на „Ел Команданте“, во микс-зоната по првиот меч на ова ЕП, кога и посака среќа на Македонија.

