Бразилскиот фудбалер Антони по преселбата во Бетис, каде што игра како позајмен од Манчестер јунајтед, се прероди и многу придонесува во победите на Зелено-белите од Севилја, кои сега во шпанската Ла Лига се борат за место во Лигата на шампионите.
Антони официјално и понатаму е играч на Јунајтед, клуб кој за него плати околу 100 милиони евра за да го донесе од Ајакс. Во дресот на Црвените ѓаволи не се прослави, па го испратија на позајмица.
Менаџерот на гигантот од Манчестер, Рубен Аморим, меѓу редови откри дека Антони не е во неговите планови за следната сезона, иако Бразилецот е во топ-форма.
„Дали ќе го вратиме Антони? Имам некои планови за иднина, но не можам да кажам ништо во моментов. Фокусиран сум на мечевите од оваа сезона“, рече Аморим.
Има шпекулации дека Јунајтед летово би се согласил да го продаде Антони во Бетис за 40 милиони фунти.