Европскиот првак Реал Мадрид се соочува со големи проблеми пред гостувањето во Москва кај ЦСКА. Кралскиот клуб има пораз и реми во последните два меча во првенството, па се надева дека во Лигата на шампионите ќе победи.
Сепак, тоа нема да биде воопшто лесно. Тренерот на гостите, Хулен Лопетеги, има проблеми во екипата, бидејќи за овој меч нема да може да смета дури на четворица стандардни првотимци. Во одбраната ќе ги нема капитенот Серхио Рамос и Марсело, додека во офанзивниот ред ќе отсуствуваат Иско и Герет Бејл. Ова се многу важни фудбалери во играта на Реал, но мора да се најде нивна замена.
Во офанзивниот ред би требало да бидат Асенсио, Бензема и Дијас, а Начо треба да го пополни местото на капитенот Рамос. ЦСКА и Реал досега играле само два пати. Дуелот во Москва завршил нерешено 1-1. Русија не е земја која е омилена за гостување на Реал. На досегашните 10 средби во оваа земја, „кралевите“ победиле само двапати, четири средби ремизирале, а исто толку пати загубиле.
Реал победи во првото коло против Рома, додека ЦСКА ремизираше на гости кај П’лзењ. „Кралевите“ се фаворити, но прашање е дали лошата форма и многуте повредени играчи ќе гарантираат „двојка“.