Лука Модриќ ќе го напушти Реал Мадрид по 13 години исполнети со успеси, откако не успеа да се договори за продолжување на договорот со клубот. И покрај тоа што Хрватот беше подготвен да игра за најниска плата во тимот и да биде резервен играч, претседателот Флорентино Перес го одбил, што предизвика разочараност кај навивачите на Кралскиот клуб.
Модриќ, кој пристигна од Тотенхем во 2012 година, беше еден од најомилените и најценетите фудбалери во историјата на Реал Мадрид. Навивачите очекуваа клубот да му овозможи пензионирање во дресот на Реал, но раководството има поинакви планови.
Шпанските медиуми откриваат дека одлуката за непродолжување на договорот со Модриќ е донесена заедно од Перес и идниот тренер на Реал, Чаби Алонсо. Нивниот фокус е на младост и обнова на средниот ред, а веќе се знае и кој треба да биде неговата замена.
Алексис Мекалистер од Ливерпул е избраникот на Чаби Алонсо. Аргентинецот го гледаат како совршен наследник на Модриќ, игра на иста позиција, подеднакво ефикасен во дефанзива и офанзива, и има огромен потенцијал за иднината.
Мекалистер наводно веќе имал разговор со Чаби Алонсо, што укажува дека трансферот е сериозно во план. Тој има договор со Ливерпул до 2028, но со пристигнувањето на Флоријан Вирц на „Енфилд“, Црвените најверонатно ќе бидат подготвени да го продадат.
Реал Мадрид е подготвен да плати околу 80 милиони евра за неговиот потпис.