Англискиот репрезентативец Џад Белингам одлучил налето да ја напушти Борусија Дортмунд и наместо да оди во Реал Мадрид, да се врати во татковината, пишува весникот „Мундо Депортиво“.
Доколку се обвистинат тврдењата на весникот, тогаш Реал Мадрид второ лето по ред ќе извиси и нема да ангажира млада ѕвезда која треба да доминира на терените во следната деценија. Минатото лето претседателот Флорентино Перес ги договори сите детали со Килијан Мбапе, но Французинот во последен момент одлучи да ги изигра Кралевите и да потпише нов договор со ПСЖ.
Ова лето Перес повторно би можело да остане со празни раце бидејќи Белингам сака да се врати во Премиер лигата, и тоа во тимот за којшто навива од мали нозе, Ливерпул. Англискиот репрезентативец е подготвен да потпише за Ливерпул дури и екипата да не обезбеди пласман во Лигата на шампионите.
„Мундо Депортово“ дури оди и чекор подалеку и пишува дека наводно Белингам ги известил челниците на Борусија и на Ливерпул за својата одлука и им порачал да најдат заеднички јазик за отштетата. Првите луѓе на Борусија најавија дека не планираат да го продадат за помалку од 100 милиони евра, а се надеваат дека сумата ќе дојде и до 120 милиони.