Четири екипи кои победија денеска во Лигата на шампионите веќе може да се радуваат на пласман во нокаут-фазата од елитното натпреварување на УЕФА. Реал во Мадрид без никакви проблеми со 3:0 ја победи Брага, иако средбата можеше да има сосема поинаков тек доколку гостите од Португалија успееја да погодат пенал во петтата минута од средбата. Откако Брага не погоди за водство, Кралскиот клуб брзо ја презеде контролата на дуелот и со головите на Дијас, Винисиус јуниор и Родриго стигнаа до сигурен триумф и максимални 12 бода од четири кола.
Баерн Минхен дури во последните 10 минути од мечот го скрши отпорот на Галатасарај и победи со 2:1. Хари Кејн погоди во 80-тата минута за 1:0, а истиот играч беше прецизен и шест минути подоцна. Во последните моменти од дуелот, Бакамбу даде почесен погодок за турскиот тим.
И Интер во финишот стигна до посакуваниот триумф на гости кај Салцбург. Леутаро Мартинес даде гол од пенал во 85-тата минута за победа на Нераѕурите. Овој триумф на италијанскиот тим го израдува и Реал Сосиедад затоа што овие две екипи се сигурни во осминафиналето од ЛШ. Интер и Сосиедад имаат по 10 бода, а Салцбург како трет има само три поени.
Арсенал со 2:0 беше подобар од Севиља, а ПСВ минимално со 1:0 го победи Ленс.