Реал Мадрид остана без услугите на Дани Карвахал до крајот на сезоната, па сега Карло Анчелоти ќе мора да бара замена на позицијата десен бек. Карвахал ги скина лигаментите на коленото на дуелот против Виљареал и ќе паузира 10 месеци, а Реал сега може да регистрира нов фудбалер на негово место.
Сепак, Кралевите нема да брзаат и ќе го чекаат јануари бидејќи тогаш ќе имаат многу поголем избор. Првата желба на Реал Мадрид е Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, но таа желба тешко дека ќе им се исполни, па ќе тргнат по потписот на Жереми Фримпонг од Баер Леверкузен.
Фудбалерот изразил желба да се пресели на „Сантијаго Бернабеу“ и ги замолил челните луѓе на Баер да го ослободат ако пристигне официјална понуда. Се шпекулира дека Кралевите за него ќе платат 60 милиони евра.
До крајот на првиот дел од сезоната, улогата на Карвахал на десната дефанзивна страна најверојатно ќе ја преземе Лукас Васкес.