Натпреварот од 17-тото коло од Ла Лига помеѓу Барселона и Виљареал беше планирано да се одигра во САД, односно во Мајами. Сепак, од Реал Мадрид најавуваат бунт против ваквата одлука со образложение дека останатите клубови од Ла Лига не се консултирани, а со тоа се нарушува интегритетот на лигата.
Кралевите велат дека веќе поднеле жалба и до вишиот спортски суд на Шпанија, но и до УЕФА и ФИФА.
„Реал Мадрид сака јасно да им стави до знаење на своите членови, навивачи и љубители на фудбалот воопшто дека решително го отфрла предлогот натпреварот меѓу Виљареал и Барселона од 17-тото коло да се игра надвор од Шпанија. Оваа мерка го прекршува основниот принцип на територијален реципроцитет, кој се применува во лигашките натпреварувања (еден натпревар на домашен терен, а другиот на теренот на противничката екипа), нарушувајќи ја конкурентската рамнотежа и давајќи неоправдана спортска предност на клубовите. Едностраната измена на овој режим ја нарушува еднаквоста меѓу натпреварувачите, ја загрозува легитимноста на резултатите и поставува неприфатлив преседан, што ги отвора вратите за исклучоци засновани на неспортски интереси, со што јасно се влијае на спортскиот интегритет и се ризикува фалсификување на натпреварувањето. Доколку овој предлог се спроведе, неговите последици би биле толку сериозни што би претставувале пресвртница во светот на фудбалот“, велат од Реал Мадрид.
Посочениот натпревар од 17-тото коло треба да се одигра на „Естадио де ла Керамика“ во Виљареал, па токму затоа од Реал Мадрид не можат да ја прифатат ваквата одлука на Ла Лига, сметајќи дека Барселона ќе има едно гостување помалку од нив ако се знае дека во екипата од Мајами, Интер, настапува Лионел Меси и целиот стадион ќе биде со поддржуваче на Каталонците, а тие ќе се чувствуваат како да играат на домашен терен.