1.8 C
Skopje
понеделник, 12 јануари 2026

Реал Мадрид нема да го отпушти Чаби Алонсо, но нема да му доведе и нови засилувања

Раководството на Реал Мадрид нема намера да го отпушти Чаби Алонсо по поразот од 2-3 од Барселона во финалето за Суперкупот на Шпанија. Во клубот се убедени дека прикажаната игра на тимот покажува постепено подобрување и работата продолжува кон оптимизација на процесите заедно со него, а не преку смена на тренерот, пренесува „АС“.

Главниот приоритет за стручниот штаб сега ќе биде поврзан со физичката состојба на составот. Од Чаби Алонсо се очекува да ја подобри физичката подготвеност на тимот и да ја намали можноста за повреди, кои во последно време станаа сериозен проблем и директно влијаат на резултатите и ротацијата на играчи.

Во Реал Мадрид веруваат дека сезоната сè уште може да биде успешна, но тоа е тесно поврзано со подобрување на кондицијата и подобро менаџирање со згуснатиот распоред.

Што се однесува до селекцијата, во овој момент Реал Мадрид не планира да прави трансфери во јануари. Се очекува во наредните денови да се дискутираат различни предлози и профили на играчи, но конкретни потези ќе се одложат за летниот преоден рок.

Во клубот се свесни дека составот има потреба од засилување, но стратешката позиција останува непроменета, недоверба кон зимскиот пазар, кој не се гледа како оптимално решение за долгорочно градење на тимот.

Во моментов, Реал заостанува четири поени зад Барселона во Ла Лига, а в среда Кралевите гостуваат кај второлигашот Албасете во натпревар од 1/16-финалето за Купот на Кралот. Во Лигата на шампионите, пак, тимот на Алонсо е седми и продолжува борбата за директно пласирање во осминафиналето два кола пред крајот на групната фаза.

- Оглас -

Најнови вести