Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, во летниот преоден рок планира да фрли сè на една карта, главна и единствена цел ќе му биде англискиот репрезентативец и играч на Борусија Дортмунд, Џад Белингам.
Белингам има одлична сезона, во дресот на Милионерите одигра 29 натпревари, постигна девет гола и има четири асистенции, а со одличните настапи на Светското првенство во Катар, дополнително си ја крена цената на трансфер пазарот.
Белингам сите пет натпревари на Англија ги започна од првата минута, и притоа постигна еден гол.
Англичанецот има договор со Борусија Дортмунд до 2025 година, а германскиот тим најави дека секој заинтересиран тим ќе мора да плати најмалку 120 милиони евра доколку го сака Белингам.
Иднината на Белингам ќе биде позната на 6 јануари кога неговиот агент на Марбелја, Шпанија, ќе има состанок со челниците на Борусија Дортмунд, по што ќе биде познато дали фудбалерот сака да остане на „Сигнал Идуна парк“ и по завршување на сезоната или ќе инсистира да си оди на лето.
Најголем интерес за Белингам пројавуваат премиерлигашите Ливерпул, Манчестер сити и Челзи, но според германските медиуми, во пол позиција за потписот со англискиот репрезентативец е Реал Мадрид. Причината за тоа е Флорентино Перез кој има одлични односи со првиот човек на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке.
Перез го гледа Белингам како идеална замена за Лука Модриќ кој на крајот од сезоната, се очекува да си замине од Реал Мадрид, и е подготвен да го собори клупскиот рекорд за да го реализира трансферот.
Рекордер трансфер на Реал Мадрид е тој на Еден Азар за кого Перез плати 115 милиони евра, а за Белингам е подготвен да оди и со 140 милиони евра доколку е потребно да ги победи премиерлигашите.