Фудбалскиот гигант Реал Мадрид и бразилската ѕвезда Винисиус јуниор постигнаа договор за продолжување на соработката до 2030 година. Според информациите на шпанскиот весник „АС“, клубот му понудил на играчот нов договор вреден 100 милиони евра нето за следните пет години, со што Винисиус ќе остане дел од Кралскиот клуб и во годините што доаѓаат.
Иако актуелниот договор на Винисиус важи до јуни 2027 година, двете страни веќе постигнале договор, а официјалниот потпис се очекува по завршувањето на сезоната и пред почетокот на Светското клупско првенство. Со новиот договор, неговата плата веднаш ќе се зголеми од 15 милиони на 20 милиони евра нето по сезона, што значи дека до 2030 година ќе заработи вкупно 100 милиони евра само од договорот со клубот.
Договорот вклучува и значителни бонуси, како за тимски успеси, така и за индивидуални достигнувања, како број на постигнати голови и освоени награди, меѓу кои се „Златната топка“ и наградата „The Best“. Винисиус веќе заработи два милиони евра бонус за освојувањето на „The Best“ наградата за 2024 година.
И покрај шпекулациите за астрономска понуда од Саудиска Арабија вредна една милијарда евра за пет години, Винисиус остана лојален на Реал. Шпанските медиуми наведуваат дека тој никогаш сериозно не размислувал за напуштање на клубот.
Од своето доаѓање во Реал, Винисиус има одиграно 314 натпревари, постигнато 105 голови и забележано 79 асистенции, освојувајќи ги сите можни трофеи со клубот, вклучително и Лигата на шампионите, Ла Лига, Суперкупот на Шпанија и Светското клупско првенство.