Реал Мадрид сега е во пол позиција кога се работи за трката за титулата во Примера дивисион. Кралскиот клуб заостанува три бода зад Барселона, но има меч помалку, вечерашниот против Реал Сосиедад на гостински терен. Со евентуална победа, Реал ќе се израмни со Барселона, со по 65 бода на чело на табелата, но „џокерот“ е за мадриѓани.
Во случај на ист број бодови, Реал Мадрид би бил пред Барселона и тоа благодарение на подобриот биланс во меѓусебните дуели. Кралевите се во улога сами да одлучуваат, но вечерва имаат многу тешко гостување.
Сосиедад не еднаш покажал дека е „лек“ за Реал Мадрид. На три од последните четири меѓусебни дуели, Сосиедад го победува Реал. Последен пат тоа се случи пред четири месеци, кога на „Сантијаго Бернабеу“ Сосиедад победи со 4:3 во дуел од Купот на Шпанија. Претходниот дуел Реал го доби со 3:1, а во мај минатата сезона кога Сосиедад беше домаќин, Реал загуби со 3:1. Сосиедад беше подобар им во мадридскиот дуел во јануари 2019 година (0:2).
Реал сезонава е тимот со најдобар биланс на гости и има седум победи и само три порази во 14 средби. Сосиедад дома е со осум победи и само три порази, што само се потврдува сериозниот пристап на домаќините.