Карим Бензема е вистинска легенда на Реал Мадрид. Францускиот напаѓач ја комплетира 14-тата сезона во дресот на Кралскиот клуб. Досега одигра 647 натпревари, во кои постигна 353 гола, а со Реал ги освои сите највредни трофеи, и тоа по неколку пати.
Сепак, можно е лојалноста меѓу Бензема и Реал Мадрид тука да заврши. Французинот има договор кој му истекува следниот месец, а засега нема нов потпис на договор кој ќе го обврзе да остане на „Сантијаго Бернабеу“.
Најавите се дека Бензема треба да потпише договор на уште една сезона, но тоа уште не се случило, што дава сомнеж дека е можно голгетерот да замине, и тоа во Саудиска Арабија, каде што веќе неколку месеци игра Кристијано Роналдо.
Се шпекулира дека Бензема ќе добие понуда вредна 200 милиони евра за две сезони, што секако би било предизвик за Французинот дали да му остане верен на Реал Мадрид или да му се приклучи на Роналдо во првенството на Саудиска Арабија.