Реграги: За 15 години, тим од Африка ќе биде светски шампион!

Селекторот на мароканската репрезентација, Валид Реграги, оптимист е дека африканскиот континент во догледна иднина може да има и селекција која освои Светско првенство.

Мароко во Катар стана прв тим од Африка кој играл полуфинале, и овој историски успех е ветер во грб за фудбалерите од Црниот континент да веруваат дека може да бидат рамноправни, па и подобри од европските и јужноамериканските селекции.

„Хрватска беше подобра од нас во мечот за трето место, затоа што има поголемо искуство. Стекнаа предност во прво полувреме, и знаеја како да го зачуваат водството. Разочарани сме од поразот, но почнуваме да сфаќаме што направивме. Горд сум на момците“ – вели Реграги, чиј тим беше најпријатно изненадување на шампионатот во Катар.

„Франција и Хрватска се подобри од нас, но не за многу. Треба да работиме и да собираме искуство, за 15 години, африканска репрезентација ќе освои Светско првенство“ – вели Реграги кој додава дека следна цел му е со Мароко да бидат шампиони на Африка.

„Пред да станеш крал на светот, треба дома да станеш крал. Треба да го освоиме Африканскиот куп на нации, и тогаш да зборуваме дека сме најдобра мароканска генерација во историјата“ – заклучува Реграги кој непосредно пред СП го презеде тимот и направи голем успех.

- Оглас -

Најнови вести