Вилјареал со сигурни 2-0 го доби дуелот против Валенсија за искачување до петтото место во Ла Лига. Жолтата подморница се вклучи во трката за пласман во Лигата на шампионите, по 15-от триумф сезонава заостанува три бода зад Севилја.
Домаќините постигнаа два фантастични погодоци за заслужување на победата. Прво Алкасер со волеј ја затресе мрежата на неговиот поранешен клуб во 14-тата минута, по одличната асистенција на Морено. За двојна предност и поставување на конечниот резултат, пред паузата стрелаше Морено, откако Асењо испрати точна долга топка преку цел терен до Казорла кој од прва го проигра Шпанецот, а овој со волеј погоди за 2-0.