
Македонската фудбалска репрезентација вечерва (20.45 часот) ќе гостува кај Белгија во еден од клучните натпревари од квалификациите за Светското првенство.
Ова ќе биде шести меѓусебен дуел на двете селекции, а досегашната статистика е на страната на Белгија – Македонија сè уште нема победа, но има еден резултат кој носи посебна гордост.
Станува збор за натпреварот од 1994 година, кога македонската репрезентација беше сè уште во формирање, предводена од легендарниот селектор Андон Дончевски. Тогаш одиграа реми 1-1 во Брисел. Белгија поведе со гол на Верхејен во 32-рата минута, а Зоран Чоко Бошковски израмни осум минути по почетокот на второто полувреме.
Во тимот за Македонија настапија: Целески, Јаневски, Јовановски, Марковски, Најдоски, Станојковиќ, Стојковски, Б. Ѓуровски, Т. Мицевски, Бошковски и М. Ѓуровски, а во игра влегоа и Серафимовски и Канатларовски.
Последниот меѓусебен натпревар заврши исто така со 1-1, одигран на Арената „Тодор Проески“ во јуни оваа година.
Претходните три средби беа порази: во 1995 година Белгија славеше со 5-0 во Скопје, а во 2013 година имавме два натпревари – на домашен терен загубивме 0-2, а во Белгија минимално со 0-1.
Вечерашниот дуел е од огромно значење – Македонија ќе започне од првата позиција, со бод повеќе од Белгија, но со еден натпревар помалку. Сè уште е отворена борбата за важните бодови кои водат кон Светското првенство.