Женската ракометна репрезентација на Грција се повлече од учеството на „Трофеј Македонија“ кој се одржува во Охрид и нема да го одигра денешниот натпревар против Македонија.
Како што информираат од Ракометната федерација на Македонија, причината е вирусна инфекција кај дел од селекцијата на јужниот сосед.
Во продолжение комплетното соопштение на РФМ.
„Ракометната Федерација на Македонија ја информира спортската јавност дека женската ракометна репрезентација на Грција нема да го продолжи своето учество на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“. Причина за ваквата одлука е вирусна инфекција која зафати дел од ракометарките на грчкиот национален тим. Македонската ракометна федерација им посакува брзо закрепнување на ракометарките од Грција, и упатува искрена благодарност за нивното учество и придонес кон турнирот.“ – велат од РФМ.
Иако се работи за турнир од пријателски карактер, сепак, Македонија се очекува овој натпревар да го добие со службен резултат, а за конечниот пласман ќе се чека резултатот од мечот помеѓу Тунис и Египет. Доколку Египет победи, ќе го освои „Трофеј Македонија“, додека нашите девојки ќе завршат на втората позиција. Во спротивно, доколку Египет не успее да го совлада Тунис, тогаш Македонија ќе го освои турнирот во Охрид.