Романија изненадувачки води со 1:0 во Хамбург кај Германија, а гостинска предност има и Ерменија во Рејкјавик против Исланд. Овие резултати од полувремето воопшто не одговараат на Македонија, ако се знае дека токму Ерменија и Романија ни се најголеми ривали во трката за пласман на Светското првенство во Катар.
Јанис Хаџи со прекрасен соло продор го матираше Марк Андре тер Штеген во деветата минута, а потоа Романците до полувремето ја задржаа предноста против Германија. Панцерите имаат дури 74 отсто посед на топка, но тоа не е доволно за да погодат во мрежата на гостите.
Ерменија со голот на Хованисјан во 35 минута стигна до предност на гости кај Исланд, па доколку успее да ги освои трите бода, тие ќе останат на второто место со 14 бодови. Ако Романија победи ќе има 13 бодови, а Македонија со три бода од гостувањето кај Лихтенштајн ќе има 12 бодови и ќе остане на четвртото место во групата.