Дефанзивецот на Реал Мадрид, Антонио Ридигер, можеби веќе нема да заигра сезонава, доколку добие долга суспензија од шпанската федерација за однесувањето кон судијата на синоќешниот меч со Барселона.
Ридигер кој не го доигра финалето поради повреда, од клупата фрли кеса со мраз кон судијата и доби црвен картон, а одвај го запреа да не тргне и физички да се пресмета со Де Бургос Бенгоечеа. Ридигер може да добие суспензија од 4 до 12 меча, а до крајот на сезоната во шпанската лига има уште пет кола.
Денеска откако ја олади главата, Ридигер напиша порака на социјалните мрежи со која се извини за неговото однесување.
„Дефинитивно нема оправдување за моето однесување синоќа. Многу жалам за тоа. Игравме многу добро во второто полувреме и после тоа, а после 111 минути игра не бев веќе во можност да му помогнам на тимот. Пред последниот свиреж на судијата направив грешка. Му се извинувам на судијата и на сите што ги разочарав“, порача Ридигер.