Ристовски: Добро е, но може и подобро

Еден од најискусните наши репрезентативци, голманот Борко Ристовски беше задоволен од прикажаното во дуелот против Србија, но потенцираше дека има уште простор за подобрување на играта, како во одбраната, така и во нападот.

„Освен првите 10-тина минути, го држевме целиот натпревар под контрола и во ниту еден момент не беше доведена во прашање нашата победа. Иако победивме со убедлива разлика, имаше многу грешки, кои ќе мора да ги корегираме, ако сакаме да направиме добар резултат на Светското првенство. Со оглед на тоа дека е прв меч и дека остануваат уште денови од подготовките, мислам дека одигравме сосема солидно, но нормално е дека има простор и за подобрување и да ја стигнеме врвната форма пред Мундијалот.“, рече веднаш по мечот со Србија, Ристовски.

Голманот кој бил дел од многу големи натпреварувања, предупредува дека на Мундијалот во Германија и Данска, мора да се игра сериозно на секој меч и дека нема лесно противници.

„Имаме доста подмладена селекција. Мора сите да ги сфатиме сериозно и јапонија и Бахреин , да тргнеме со две победи. Мора секој меч да се игра максимално и сериозно. На големи натпревари први мечеви секогаш се многу неизвесни. Треба да се респектира секој противник, нема лесни противници“, додаде Борко од кого се очекува да биде вистински носител во одбраната на Мундијалот.

- Оглас -

Најнови вести