Ристовски израмни црн рекорд на Спортинг стар 14 години

Стефан Ристовски без потреба удри противнички играч на мечот меѓу Спортинг Лисабон и Тондела и беше исклучен по третпат сезонава, со што израмни еден црн рекорд на „лавовите“ од Лисабон.

Десниот бек на македонската репрезентација сега е само вториот играч на Спортинг со три или повеќе исклучувања во една сезона во новиот милениум, заедно со Руи Жорге.

Сегашниот селектор на младата репрезентација на Португалија за играчи до 21 година во сезоната 2004/05 доби три црвени картони, а сега тој лош ефект го има и Ристовски.

„Млад е, има време, ќе научи дека некои работи не смее да ги прави“, го коментираше Жереми Матје неспортскиот потег на Ристовски.

Што е полошо за нашиот репрезентативец, тој доби црвен картон при резултат од 1:0 за Спортинг, го удри противничкиот играч без никаква причина и далеку од некаква опасна ситуација, а неговиот тим на крајот одигра само нерешено 1:1, со што пропадна обидот на Спортинг да ја забележи 11-тата победа по ред.

„Жалам за тоа што се случи на мечот со Тондела. Знам низ што ќе минувам за потегот што го направив, но ќе се вратам уште посилен. Верувам дека во иднина работите ќе бидат многу подобри. Нема да се откажам и им благодарам на соиграчите за поддршката“, изјави Ристовски.

Дали во Спортинг ќе имаат трпение за очигледната нервоза кај Ристовски и што се случува со него, допрва ќе треба да се разјасни. Тренерот Марсел Кајзер најави разговор со десниот бек, кој сега е неизвесен за настап против Порто во финалето на националниот куп што ќе се игра на 25 мај.

 

- Оглас -

Најнови вести