Стефан Ристовски доби црвен картон против Сетубал откако реагираше кон судијата Елдер Малеиро за грубиот старт на гвинејскиот репрезентативец Менди. Противникот го удри во скок-дуел со лакотот во лицето, но не доби ниту жолт картон, а заслужи и црвен, иако на челото на Ристовски имаше видлива трага од ударот.
Нашиот репрезентативец бурно реагираше и доби директен црвен картон. „Срамна одлука. Не знам зошто бев исклучен“, вели Ристовски. Моментот од 55-тата минута можете да го погледнете ОВДЕ.
Сега го чека казна, која може да биде и драстична ако се утврди дека плукна кон судијата Малеиро, што е недозволен гест и се казнува драстично во најсилните европски лиги.
Проблем за Ристовски е што сигурно нема да игра за Спортинг во големото дерби на Лисабон против Бенфика на трети февруари. Нашиот репрезентативец пред извесно време повторно се избори за место во стартните 11 на тимот на својата стандардна позиција десен бек, учествуваше во освојувањето на пехарот во Лига купот, но сега е можно повторно да биде неколку меча надвор од редовите.