Роберто Мартинес: Ова беше нашиот најслаб натпревар во последните две години

Фудбалската репрезентација на Португалија доживеа минимален пораз од Данска (1-0) во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на нациите одигран на „Паркен“ во Копенхаген. Ова беше најслабата партија на тимот под водство на Роберто Мартинес, според зборовите на португалскиот селектор.

„Ова е најлошиот наш натпревар во последните две години. Не станува збор само за нашата игра, туку за тоа што не реагиравме соодветно на агресивноста на домаќините. Потребни ни се вакви мечеви за да учиме. Данците беа поефикасни, но одбранетиот пенал на Диого Кошта ни дава надеж за реваншот. Ќе се потпреме и на поддршката од навивачите“, изјави Мартинес.

Стрелец на единствениот гол беше Расмус Хојлунд, кој ѝ донесе значајна победа на својата репрезентација. Португалија не успеа да го најде својот ритам, при што направи неколку клучни грешки во одбраната.

„Ни недостигаше интензитет. Данска нѐ надмина, но и самите си го отежнавме мечот со некои основни грешки во одбраната. Не бевме на нашето вообичаено ниво. Им дозволивме на противниците да поведат, а премногу лесно ја губевме топката. Сепак, имаме уште една шанса да се поправиме“, додаде португалскиот селектор.

Тој го истакна и позитивниот придонес на неколку играчи.
„Сакавме да го контролираме натпреварот, но не успеавме. Данска имаше јасен план како да ни се спротивстави. Доцна сфативме што треба да правиме. Сепак, Ренато Веига, Рубен Дијаш и Диого Кошта ја одржаа нашата надеж за реваншот“, заклучи Мартинес.

Португалија сега ќе мора да бара победа на домашен терен доколку сака да се пласира во полуфиналето на Лигата на нации.

- Оглас -

Најнови вести