Играчот од средниот ред на Шпанија и Манчестер Сити, Родри, изјави дека освојувањето на „Златната топка“ преставувало само еден мал блесок во тешка година, во која пропушти најголем дел од мечевите поради тешката повреда. Шпанскиот репрезентативец заработи сериозна повреда на коленото која долго време го одалечи од теренот.
„Повредата беше многу позначајна од Златната топка. Наградата беше здив на свеж воздух во време кога поминував низ навистина тежок период. Среќен сум за признанието, но тоа не ми помага. Сè уште сакам да бидам истиот играч. Пред сè, минувајќи низ таков процес ментално, се обидувам да се вратам во најдобра форма. Сакам повторно да уживам во фудбалот. Тоа е мојата единствена цел. Досега одиграв два натпревари оваа сезона со мојот клуб. Се враќам во форма“, рече Родри во пресрет на мечот на шпанската репрезентација против Турција на гости, во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 година.
На гостувањето кај Бугарија кога Шпанија победи со 3:0, Родри влезе од клупата за резервни играчи во второто полувреме. Тој сега има и сериозна конкуренција во дресот на Црвената фурија затоа што на неговата позиција сега е новото засилување на Арсенал, Мартин Зубименди. Родри имаше само комплименти и позитивни коментари за Зубименди.