Со децении екипите на Лацио и Рома како заеднички дом го имаат стадионот „Олимпико“ кој е едно од обележјата на главниот град на Италија. Според најавите, во скора иднина, Рома ќе си замине од „Олимпико“. Волчицата веќе го претстави планот за изградба на сопствен стадион во римското предградје Пијетралата.
Проектот е во завршна фаза на техничка и економска анализа, што е последен чекор пред поднесувањето на главниот проект и почетокот на изградбата.
Како што е наведено во соопштението на клубот, новиот стадион ќе биде архитектонски инспириран од римската традиција, но со модерни линии и силна врска со локалната заедница.
Посебен акцент е ставен и на подобрувањето на урбаната мобилност, а Рома верува дека обемот и значењето на проектот го прават кандидат за домаќин на натпревари од Европското првенство во 2032 година, кое ќе биде заеднички организирано од Италија и Турција.
Американското семејство Фридкин, мнозински сопственик на Рома, интензивно работи на реализацијата на овој проект, кој го гледа новиот стадион како клучен чекор во долгорочната спортска и финансиска стабилност на клубот.

