Рома испушти три бода во последните минути против Џенова, па на крајот мечот заврши без победник при конечни 1-1. Избраниците на Клаудио Раниери направија голем кикс, кој на крајот може да ги чини пласман во ЛШ, а сега таа мисија ќе им биде уште потешка, бидејќи на три кола до крајот на шампионатот во Серија А, Аталанта ќе има три бода повеќе од „римската волчица“ на табелата.
Средбата можеше да биде решена со голот на Ел Шарави во 82-та минута, но Ромеро во 91-та минута успеа да донесе израмнување за домаќините. Џенова можеше да го освои целиот плен од мечот, но Санабрија промаши пенал за победа во шестата минута од судиското надополнување.
Македонскиот капитен Горан Пандев, влезе во игра во 73-тата минута на местото од Лападула, па со неговото искуство донесе свежина во нападите на Џенова.
Рома по 35 натпревари е на петтото место со 59 бода и три помалку од Аталанта, додека Џенова е на 16-тото место со 36 бода.