Кристијано Роналдо е незадоволен од состојбите во Манчестер јунајтед и во интервју за „Експрес“ е брутално прецизен со изјава дека се вратил на „Олд Трафорд“ за да освојува титули, а не да одмара.
Популарниот ЦР7 како, и сите на кои при срце им е Манчестер јунајтед, е незадоволен од начинот на којшто игра тимот и од резултатите, особено по лошата претстава во градското дерби против Сити, кога Црвените ѓаволи беа комплетно надиграни и загубија речиси без отпор со 0:2.
„Се вратив во Манчестер јунајтед за да освојувам титули, а не за одморам. Можеби бев прегруб со изјавите, но искрено така мислам и се чувствувам. Ова е клуб гигант и мора сè да биде подобро. Во Манчестер јунајтед се знае што е целта, секогаш атак на сите трофеи. Кажав дека тимот има огромен потенцијал, одлични млади играчи и спој со искуство и јас сум тука за да помогнам. Мора да играме многу подобро и да бидеме кандидати за титулите на сите фронтови“, изјави Португалецот.
Новинарите на „Експрес“ објавија дека дури е можно тој да си замине ако Манчестер јунајтед не успее да се избори за настап во Лигата на шампионите идната сезона. Еден друг англиски медиум, „Дејли мејл“, вчера објави дека Роналдо и Бруно Фернандеш, како португалски тандем што треба да биде носител на играта на Црвените ѓаволи, се незадоволни од работата на менаџерот Оле Гунар Солскјер.