Португалските булдожери ќе го урнат Солскјер

Португалскиот тандем Бруно Фернандеш и Кристијано Роналдо се во првиот ред на бунтот што во Манчестер јунајтед сè повеќе расте против Оле Гунар Солскјер и бара смена на Норвежанецот.

Според „Дејли мејл“, има сè повеќе незадоволни од работата на Солскјер како тренер на Црвените ѓаволи, особено по срамниот настап во градското дерби против Манчестер сити, кога најтрофејниот англиски клуб беше тотално надигран и поразен со 2:0.

Фернандеш наводно изјавил дека Солскјер е тактички недораснат да биде менаџер на Манчестер јунајтед, а незадоволен е и неговиот сонародник Роналдо.

Бунтот во соблекувалната, според „Дејли мејл“, не стивнува, а играчите имаат замерки и на лошиот третман на Солскјер кон Дони ван де Бек, кој не добива шанса да покаже што знае, иако дојде како големо засилување од Ајакс, каде што играше одлично.

Замерки има и за „форсирањето“ на Хари Мегваер, кој дури е и капитен на тимот, а веќе подолг период игра многу слабо. Солскјер упорно го држи во игра стоперот, на чии грешки се постмеваат дури и најголемите навивачи на Манчестер јунајтед, па Норвежанецот, според „Дејли мејл“, си прави мечкина услуга и со Мегваер.

Лошо во целата ситуација е што неодамна Солскјер го продолжи договорот со Манчпестер јунајтед и беше претставен како еден од столбовите во проектот што ќе треба да ги врати Ѓаволите на шампионските патеки.

Манчестер јунајтед нема шампионска круна во Премиер лигата од 2013 година, а последниот значаен пехар е освоен во 2017 година, со триумф во Лига купот на Англија.

 

- Оглас -

Најнови вести