Италијанскиот весник „Ла Газета дело Спорт“ ги објави годишните плати на фудбалерите во Серија А, а очекувано, Кристијано Роналдо е убедливо најскапо платениот играч со 31 милион евра.
Интересно е што Роналдо сам заработува еднакво или повеќе од пет клуба во Италија. Парма им плаќа на сите играчи точно 31 милион евра, колку што Кристијано има сам годишна плата, а СПАЛ, Удинезе, Бреша и Верона вкупно плаќаат помалку од тоа што Јувентус му го префрла на сметка на Роналдо.
Португалецот е за 4 пати поскап од неговиот соиграч Матајс де Лихт, кој е веднаш зад него во Серија А со плата од 8 милиони евра на годишно ниво.
Следат Гонзало Игуаин и Ромелу Лукаку со по 7,5 милиони евра годишно. Јувентус апсолутно доминира бидејќи во Топ-5 има четири најскапи играчи, вклучувајќи го и Пауло Дибала, кој е на петтото место со годишна заработка од 7,3 милиони евра.
Од триото македонски репрезентативци во Калчото најмногу заработува Елиф Елмас, пред Илија Несторовски и Горан Пандев.
Елмас има годишна плата од 1,5 милиони евра во Наполи, според договорот што му важи до 2024 година. Елиф е на 13-тото место според нивото на годишни примања во редовите на актуелниот вицешамион на Италија.
Зад него е Несторовски со 600 илјади евра како четвртиот најскап играч на Удинезе. Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, според договорот што му истекува ова лето, во Џенова има годишни примања од 350 илјади евра и е на 22-рото место на клупската листа на најстариот клуб во Италија.
Пандев има понуда за да го продолжи престојот во Џенова, отако сезонава игра одлично и заедно со Кришчито е најдобар стрелец на Џенова со 7 гола.