По двомечот против Јувентус, сите јасно сфатија дека Виктор Осимен не е напаѓач кој би требало да се задоволи со настапи во Турција. Ова беше познато и претходно, го знаеше и фудбалерот, но околностите беа такви што единствено Галатасарај беше подготвен да му плати астрономска отштета на Наполи за човек кој силно посакуваше да замине.
За напаѓач од неговата класа не беше потребна никаква адаптација. Од моментот кога првично пристигна на позајмица, а потоа минатото лето беше откупен, Осимен е опасен за секој противнички тим и редовно постигнува голови.
Против Јувентус, во првиот натпревар кога неговиот тим постигна пет гола, тој не беше стрелец, но сепак беше клучен за четири погодоци. Учествуваше со асистенции, градење акции, позиционирање и движења кои им ја олеснија работата на соиграчите. Тој беше тука за тимот, а наградата стигна во реваншот, кога го урна сонот на Јувентус за историски пресврт.
Во изминатите две недели неколкупати можевме да ги прочитаме и да ги слушнеме неговите изјави во суперлативи за Јувентус, а особено впечатливи беа неговите зборови пред реваншот.
„Да се игра тука, би било привилегија. Среќен сум во Галата, но никогаш не се знае за иднината. Мислам дека 90% од фудбалерите во светот би сакале да играат за Јуве“, рече Виктор Осимен.
Она што исто така привлече внимание беше одлуката на Осимен да не го слави голот со кој ги растажи навивачите и играчите на Старата дама.
„Мислам дека немаше потреба да славам. Важно ми е да го почитувам човекот кого го сакам и кој беше важен дел од мојата кариера. Логично, зборувам за Лучано Спалети. Исто така, игравме лошо, дури и со човек повеќе, и немаше потреба да славам“, смета Осимен.
Нигериецот во тунелот по дуелот му пристапи на Александро дел Пјеро, со кого се фотографираше. И навистина, има многу знаци дека трансферот во Јувентус ова лето е можен. Дали ќе се реализира, зависи и од случајот со Душан Влаховиќ.

