Роналдо Луис Назарио де Лима вели дека Карим Бензема без дилеми треба да ја добие Златната топка и дека тој е најдобриот напаѓач на планетата.
Познатиот Бразилец веќе неколку години говори дека францускиот ас е меѓу најдобрите фудбалери на светот, а сега вели дека е моментот да го добие престижното признание.
„Бензема заслужува да го добие Балон д`Ор, и тоа оддамна. Постојано го говорам истото и бев критикуван, но сега многумина мислат како мене. Карим заслужува да има Златна топка бидејќи е фантастичен напаѓач“, вели Роналдо.
Тој има две Златни топки во својата колекција и само петмина фудбалери се пред него.
Лионел Меси е рекордер со 7, Кристијано Роналдо има пет, а Марко ван Бастен, Мишел Платини и Јохан Кројф по трипати беа најдобри фудбалери на планетата.
Бензема нема ниту една, но сега е сериозен кандидат за Балон д`Ор и игра во животна форма.
На последните три меча во Лигата на шампионите даде 7 гола, двапати по ред постигнуваше хет-трик против ПСЖ во реваншот од осминафиналето и со Челзи во првиот меч од четвртфиналето, а го даде и клучниот гол вчера во реваншот со европскиот првак, со кој Реал Мадрид се пласира во полуфиналето во ЛШ.