-2.2 C
Skopje
вторник, 3 февруари 2026

Роналдо одби да игра, не е во составот на Ал-Наср и предизвика бура во Саудиска Арабија!

Капитенот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо, не е во составот (ниту меѓу резервите) на натпреварот од 20-тото коло од првенството на Саудиска Арабија против Ал-Ријад, а не е ни повреден, ни болен, ни суспендиран.

Португалскиот 40-годишен фудбалер ја оствари заканата дека ќе одбие да игра како знак на протест поради незадоволство од начинот на којшто јавниот инвестициски Фонд за суверено богатство на Саудиска Арабија управува со Ал-Наср во споредба со неговите конкуренти.

Роналдо не е среќен и поради тоа што клубот не е активен на трансфер-пазарот и не се засили, со што би ги подобрил шансите за освојување на титулата.

Фондот управува не само со клубот на Роналдо, туку и со Ал-Хилал, Ал-Ахли и Ал-Итихад. Роналдо не е во конфликт со раководството на Ал-Наср, туку само кон Фондот кој фаворизира друг клуб и затоа реши да штрајкува. Неговата порака до управното тело е јасна: проектот Ал-Наср мора да биде соодветно поддржан, во спротивно лигата ризикува да го изгуби своето најпрепознатливо лице.

Кристијано Роналдо му се приклучи на Ал-Наср во 2023 година, а неговиот договор со саудискиот клуб е до летото 2027 година.

Според податоците од „Трансфермаркт“, во Ал-Хилал се инвестирани вкупно 624 милиони евра од летото 2023 година наваму, во споредба „само“ со 409 милиони евра за Ал-Наср. Следуваат Ал-Ахли (380 милиони евра) и Ал-Итихад (334 милиони евра).

Ситуацијата се влоши во текот на овој последен преоден рок бидејќи Ал-Наср на Роналдо го доведе само младиот Хајдир Абдулкарим, додека Ал-Хилал го засили својот состав со попознати имиња и инвестираше над 40 милиони евра, а сè уште се надева дека во последен момент ќе ги финализира договорите и со ѕвездата Карим Бензема.

Ситуацијата не е добра, а се чини дека Кристијано на крајот ќе мора да попушти… бидејќи има што да изгуби, не само пари, туку со неиграње и бунт ќе си ги намали и шансите да ја оствари историската цел, да дојде до 1.000 голови во кариерата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Внесете го вашиот коментар!
Внесете го вашето име тука

- Оглас -

Најнови вести