Кристијано Роналдо и Јувентус веќе втора сезона во низа на разочарувачки начин испаѓаат од Лигата на шампиони. Италијанскиот првак беше елиминиран од Олимпик Лион и останува да чека на титулата во елитното натпреварување на УЕФА.
По елиминацијата во ЛШ, отказ доби тренерот Маурисио Сари, а на негово место експресно беше назначен Андреа Пирло. Роналдо не сакаше многу да коментира околу тренерските промени, но најави дека сега му следува одмор во кои треба да ги донесе најдобрите решенија за него.
„Сезоната 2019/20 заврши покасно од вообичаеното, но сепак порано отколку што очекувавме. Сега е време да размислиме и да направиме анализа на добрите и лошите моменти, затоа што кога размислуваш критички, тоа е единствен начин да напредуваш. Голем клуб како Јувентус секогаш треба да мисли како најдобар во светот, да работи како најдобриот во светот и само така ќе биде меѓу најдобрите во светски рамки. Уште еднаш ја освоивме Серија А и тоа во едно вакво чудно време и затоа сме горди. Лично за мене, 37-те постигнати гола за Јувентус и 11-те погодоци во дресот на португалската репрезентација ми се мотив и во иднина да продолжам да играм добро. Знам дека навивачите го очекуваат најдоброто од нас и ние сме тие кои треба да им го дадеме најдоброто и да ги исполниме нивните најголеми очекувања“, вели Роналдо, кој порача дека и оваа кратка пауза за одмор треба да им даде можност да ги донесат најдобрите можни одлуки за иднината и да се вратат уште посилни од претходно.

