Еден од сопствениците на Манчестер јунајтед, сер Џим Ретклиф, вчера пристигнал со хеликоптер во базата во Карингтон за да одржи серија разговори, меѓу кои и со менаџерот на тимот, Рубен Аморим, информира The Athletic. Според изворот, посетата била планирана уште одамна, но фокусот се сменил и главната цел на милијардерот сега била да ја разгледа лошата форма на екипата и да се обиде да помогне во решавањето на проблемите со кои се соочува Португалецот.
Јунајтед има остварено само една победа во првите четири кола од Премиер лигата, и тоа со гол од пенал во судиското продолжение против Барнли. Во меѓувреме, Црвените ѓаволи доживеаја и срамна елиминација од четвртолигашот Гримсби во Карабао купот.
Раководството на Манчестер јунајтед му поставило ултиматум на Аморим и веќе има список со потенцијални наследници.
Аморим постојано е критикуван поради тврдоглавоста да инсистира на формација што очигледно не му одговара на тимот. Се појавија информации дека тој веќе ја загубил довербата кај голем дел од играчите. Според други шпекулации, следните три натпревари ќе ја одредат неговата иднина. Првиот од нив е против Челзи викендов на „Олд Трафорд“.
Медиумите во Англија објавија дека Јунајтед би морало да му плати обесштетување од 12 милиони фунти на Аморим доколку го отпушти уште во првата година од неговиот договор. Тој ја започна својата работа во клубот на 11 ноември 2024 година. Тоа значи дека за неколку недели, ако формата на тимот не се подобри драстично, раководството ќе може полесно да донесе одлука за разделба со Португалецот.