Албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку предизвика скандал на Европското првенство кога по дуелот со Хрватска (2:2) зеде мегафон во рака и почна да скандира навредливо против Македонија и Србија. Овој инцидент се најде на „менито“ и на УЕФА, па Даку доби суспензија од два меча неиграње, беше парично казнет, а самиот играч се извини за навредите кои ги упати.
Санкции за Даку најавија и од тимот на Рубин Казањ, за кого настапува Даку на клупски план. Сепак, откако албанскиот репрезентативец се врати во рускиот тим, следуваше информација дека Даку за брзо време може да конкурира во првиот тим.
„Даку е добро. Соиграчите разговараа со него и сфаќаме дека такви работи се случуваат. Видовте што направи и Демирал од Турција. За жал, фудбалот денеска е помешан со политиката“, рече тренерот на Рубин Казањ, Рашид Рахимов, кој пренесе кој совет му го дал на фудбалерот.
„Работата на играчот е да го одвои фудбалот од политиката. Му го реков тоа на Даку. Сега е потребно тој да се фокусира на фудбалот“, додаде тренерот на Рубин Казањ.