Румениге има желба – Чаби Алонсо да биде иден тренер на Баерн

Претседателот на Баерн Минхен, Карл – Хајнц Румениге го одреди својот фаворит за иден тренер на баварскиот гигант. Тој сака да го врати Чаби Алонсо во Минхен, шпанскиот ексфудбалер кој три години ги бранеше боите на германскиот првак, пред да стави крај на фудбалската кариера.

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Реал Мадрид, како и на Баерн, моментално работи и го изучува тренерскиот занает во таборот на Реал Мадрид, а пред извесно време ја освои првата титула како стратег, со „кралскиот“ тим до 13 години стана шампион во својата дивизија.

„Алонсо е најдобриот играч за врска кој го носел дресот на Баерн изминативе неколку години. Не беше брз, но беше многу интелигентен, секогаш имаше решение со топката. Моментално одлично ја извршува првата тренерска функција, а знам дека за многу брзо време ќе го видиме како тренер на некој голем клуб. Би сакал тоа да е Баерн, да се обидеме да го вратиме назад и да му ја дадеме довербата“, истакна Румениге.

Алонсо на „Алијанц арената“ настапуваше од 2014 до 2017 година, каде во три наврати беше шампион на Германија, а по еднаш ги освои Купот и Суперкупот на Германија.

 

- Оглас -

Најнови вести