Руни одвај чека да се врати во Англија, го нервираат американските судии (Видео)

Напаѓачот на ДЦ Јунајтед, Вејн Руни, не успеа да си ги исконтролира нервите за време на поразот на неговиот тим од Ванкувер вајткепс во Мејџор лиг сокер (МЛС лига). Руни покажува веќе како да го губи трпението и одвај да чека да дојде јануари и да се врати во родната земја, поточно во Дерби каунти, со којшто има потпишано договор.

Во една ситуација, судиите не досудија пенал за тимот од Вашингтон, иако имаше играње со рака од страна на играч на Ванкувер. Тоа го налути Руни, кој кога беше изваден од игра во 71-вата минута, целиот бес и фрустрација ги исфрли врз четвртиот судија.

Руни на судијата му се обрати со зборовите „Секој е… пат истото се повторува на секој натпревар“, со што сакаше да каже дека постојано тимот е жртва на судиски неправди.

На Руни му пречат и долгите патувања со редовна линија. По гостувањето во Канада, до дома патуваа 12 часа бидејќи не смееја да користат чартер-лет, откако ДЦ јунајтед ја исполни нормата од четири чартери во текот на сезоната. Во МЛС, најдалечната дестинација е 4.320 километри, од Бостон до Сан Хозе.

„Треба да се подготвувам за пат кој ќе трае 12 часа, а можеа да бидат само шест, но ова е МЛС“, напиша Руни на „Твитер“ пред поаѓањето од Ванкувер за Вашингтон.

- Оглас -

Најнови вести