Легендата на англискиот фудбал, Вејн Руни, на интересен начин го искоментира фактот дека Ерлинг Халанд не беше тој што го изведе пеналот за време на натпреварот во финалето на ФА Купот помеѓу Кристал Палас и Манчестер сити.
Во 36-тата минута, Омар Мармуш го изведе пеналот, но промаши. Пеп Гвардиола рече дека Халанд и Мармуш на терен сами се договориле кој да шутира. Многумина сметаат дека Халанд требало да ја преземе одговорноста.
„Ерлинг Халанд е напаѓач од светска класа, но Лионел Меси или Кристијано Роналдо никогаш не би ја дале таа топка. Тоа е она што ги разликува од Халанд, Мбапе и другите врвни играчи од денешната генерација. Меси и Роналдо се себични на добар начин, тие живеат за голови и сакаат да постигнуваат голови на секој натпревар. Кога Халанд пропушта шанси, можете да видите дека тоа влијае на него и на неговата игра. Можеби дури и помислата евентуално да утне пенал на Вембли беше премногу тешка за него. На крајот на краиштата, и тој е човек“, искоментира Руни.