Новак Ѓоковиќ доби неочекуван и радикален совет во обид да ја освои рекордната 25-та титула на гранслем-турнирите.
Поранешниот британски број 1, Грег Руседски, му порача на Србинот да ги фокусира сите свои напори на Вимблдон, дури и ако тоа значи дека нема да игра претходно на „Ролан Гарос“.
Србинот на Отвореното првенство на Австралија им докажа на оние што се сомневаат во неговите можности дека грешат. Сепак, Руседски верува дека шансите на Новак на бавната земјена подлога во Париз ќе бидат минимални поради огромните физички напори.
„Мислам дека Новак треба да размисли да го прескокне Отвореното првенство на Франција и да се фокусира на Вимблдон“, рече Руседски во поткастот „Оф Корт со Грег“.
Според него, титулата во Париз е недостижна за Србинот.
„Замислете да игра толку добро на Вимблдон. Има реална шанса за титулата. Отвореното првенство на Франција некако чувствувам дека е недостижно за него поради физичките барања“, додаде тој.
Но, тринеделната пауза помеѓу Ролан Гарос и Вимблдон му овозможува на Србинот добро да се подготви на трева со два загревачки турнира.
Руседски истакна дека најголемиот предизвик за Ноле е да ги победи Синер и Алкарас еден по друг на еден ист турнир. Ѓоковиќ е трети на АТП-листата и за да освои гранслем, мора да ги победи и двајцата (освен ако тие не киксираат претходно, а последниве години тоа речиси никогаш не се случува), што се покажува како многу тешко.

