Рускиот тенисер исфрлен од турнирот откако в лице му се дереше на судијата (Видео)

Рускиот тенисер Андреј Рублев е дисквалификуван од АТП турнирот во Дубаи поради навредување на судијата, за време на мечот против Александер Бублик. Рублев беше фаворит за победа во полуфиналниот дуел против казахстанскиот тенисер, но дуелот беше многу неизвесен.

Во првиот сет Рублев беше подобар со 7:6, а со иста мера возврати Бублик во вториот сет за израмнување на 1:1. Во решавачкиот трет сет, беше 5:5, Бублик сервираше за 6:5 во гемови, кога Рублев збесна поради една одлука на линискиот судија.

Рускиот тенисер сметаше дека топката била во аут и дека тоа требало да биде поен за него и буквално му се дереше на судијата во лице. По овој испад на тенисерот, реагираше и шефот на турнирот, кој прво разговараше со Рублев и со линискиот судија, а потоа беше донесена одлука Русинот да биде дисквалификуван турнирот.

„Ништо не реков, не зборев ништо на руски, туку на англиски“, се правдаше Рублев, но тоа беше залудно.

Збунетиот Бублик јавно кажа дека е подготвен да продолжи мечот и дека не сака на таков начин да оди во финалето, но одлуката на шефот на турнирот беше конечна.

- Оглас -

Најнови вести