Сагата меѓу Баерн и Алфонсо Дејвис со нов неочекуван пресврт

Пред само два дена изгледаше дека Баерн Минхен успеал да направи голема работа и да го обезбеди продолжувањето на договорот со Алфонсо Дејвис, но германските медиуми објавуваат дека повторно дојде до голем пресврт. Причината за ова е грешка на раководството на минхенскиот гигант, која значително го налутила агентот на канадскиот репрезентативец.

Сагата околу Алфонсо Дејвис трае со месеци, со оглед на тоа што неговиот актуелен договор со Баерн истекува на крајот од оваа сезона.

Се чинеше дека Дејвис е решен да ја напушти „Алијанц Арена“ следното лето, особено поради сериозниот интерес од Реал Мадрид. Сепак, пред неколку дена, медиумите во Германија објавија дека ситуацијата се променила.

Претставниците на Баерн успеале да започнат преговори со Дејвис за нов договор и му пренеле дека се подготвени да му понудат значително поголема плата за да остане. Наводно, биле презадоволни од тоа како завршил разговорот.

Само два дена подоцна, дојде до уште еден неочекуван пресврт. Според угледниот „Билд“, агентот на Дејвис е незадоволен од начинот на кој Баерн раководи со преговорите. Тој бил бесен поради тоа што очекувал конкретна понуда веднаш по разговорите, но наместо тоа, клубот во јавноста пуштил приказна дека сè е веќе договорено и дека Дејвис останува.

Конкретна понуда за нов договор сè уште не пристигнала, што го натерало агентот на Дејвис повторно да создаде притисок и сериозно да им се закани на челниците на Баерн.

- Оглас -

Најнови вести