Тимур Дибиров знае како се победуваат фаворитите и како член на шампионските состави на Вардар што освоија две европски круни вели дека Црвено-црните ќе сторат сè за да го надиграат актуелниот европски вицешампион Алборг утре во Скопје, од 18.45 часот, во меч од третото коло во Лигата на шампионите.
„Одлична е атмосферата по победите против Мешков Брест и Пелистер и сите сакаме да продолжиме со успеси. Ритамот на натпревари е пеколен, играме во ритам од Бундеслигата, но нека подолжиме да плачеме и да се жалиме, само да победуваме. Искрено, немаме време ниту за добар тренинг, но мора да се издржи.
И Алборг, како секоја екипа, си има слаби точки, а ние треба да ги искористиме. Трчаат многу, играат во брз ритам, слично како Елверум, а ние треба да одговориме на предизвикот и да се обидеме да ги победиме“, вели Дибиров.
Данците лани изненадија со пласман во големото финале во ЛШ, каде што загубија од Барселона, а победнички го почнаа и новиот циклус на натпревари.
Имаат две победи, Вардар е со реми и триумф, па ова ќе биде дерби на третата рунда во А групата.
„Алборг, според мене, игра најубав ракомет во Европа, но сепак Вардар игра на победа против секој тим. Во Скопје со нашата публика во прекрасен амбиент можеме да победиме секого, па и Алборг“, вели Веселин Вујовиќ.
Ова ќе биде прв меѓусебен дуел на двете екипи во Лигата на шампионите.